ноември 12, 2025

Зелен волонтеризам

Во рамките на програмата Зелен волонтеризам на ден 06.11.2025 и 12.11.2025 се реализираа две едукативни работилници со учениците од второ одделение во ООУ „Магдалена Антова“ и ООУ ,,11-ти Октомври”.

Целта на активноста беше подигнување на еколошката свест кај најмладите и поттикнување на одговорен однос кон природата и животната средина.

Работилницата започна со воведен дел во кој волонтерите преку разговор со децата разјаснуваа основни еко поими , како што се природа, отпад, рециклирање, животна средина и зачувување на природата. Потоа следеше дискусија со учениците за тоа колку често одат во природа, што забележуваат таму, кои растенија и животни гледаат, како и дали дома имаат свои растенија и како се грижат за нив.

Во продолжение беше прикажано едукативно видео за правилно фрлање на отпад, по што се разви дискусија за виденото, при што децата ги изнесуваа своите впечатоци и заеднички ја извлекоа пораката за значењето на одговорното однесување со отпадот.

Понатаму, волонтерите им ги претставија боите на кантите за рециклирање и нивното значење, а веднаш потоа следеше интерактивна вежба во која децата добиваа различни примери од отпад (пластика, хартија, стакло, органски отпад) и требаше да определат во која канта би се фрлил секој вид отпад.

На крајот од работилницата, како резиме на наученото на флипчарт беше нацртано „еко дрво“, каде секое дете кажа што запомнило од предавањето и кое е неговото лично еко-ветување односно ветување дека ќе фрла отпад во канта, ќе се грижи за растенијата или ќе штеди вода и струја. ⚡️💧

Работилницата помина во позитивна и динамична атмосфера, со активно учество на сите ученици. Преку игри, разговор и визуелни материјали, децата на забавен начин стекнаа нови знаења за екологијата и начини како секој поединец може да придонесе кон почиста и поздрава животна средина.

< врати се назад