Области за соработка и партнерство со Црвениот крст на РМ

Области на Црвениот крст на РМ – можности за партнерска соработка
Црвениот крст на Република Македонија своите цели и задачи ги реализира согласно основните принципи на движењето на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, кои се дефинирани во повеќе области на дејствување, од кои, следните претставуваат можност за соработка со корпоративниот сектор за имплементација на заеднички општествено корисни програми:
Унапредување на здравјето и безбедниот живот на луѓето
Здравствено – превентивната програма има за цел да овозможи промоција на здравјето како најзначаен предуслов за целосно остварување на човечкиот потенцијал, човечкото достоинство и човековите права, преку подобрување на здравјето и спречување и намалување на ризиците, преку промоција на побезбедни начини на живот и преку поголема заштита на животната средина како релевантен фактор за нашето здравје. Здравствената програма ја спроведуваме преку организирање на здравствена едукација, издавање и дистрибуција на здравствено-информативен и едукативен материјал, мобилизација на целните групи, сензибилизација на релевантните институции и зајакнување на локалните капацитети, подигнување на здравствената свест и намалување на стигмата и дискриминацијата кон ранливите групи.
Активностите на полето на првата помош како интегрален дел од здравствената промоција, се насочени кон зајакнување на отпорноста на заедниците преку зголемување на бројот на едуцирани личности по прва помош како животно спасувачка вештина и како чин на хуманост и одговорно граѓанство.
Преку доброволното крводарителство како хуман чин, темелејки се на принципите за доброволност, анонимност и бесплатност работиме на подигнување на јавната свест, мотивирање и регрутација на поголем број на крводарители кои ќе го промовираат здравиот и безбеден начин на живот.
Намалување на ранливоста на населението
Намалување на ранливоста на населението претставува примарна цел на социјално-хуманитарната дејност. Активностите во оваа област се насочени кон обезбедување помош, грижа и услуги во задоволување на приоритетните потреби на ранливото население, подобрување на социјализацијата и интеграцијата на ранливите целни групи во заедниците со цел заштита на достоинството и подобрување на животот на лицата кои се нашле во неповолна состојба. Социјалната превенција е исто така значаен сегмент на социјално – хуманитарната дејност која се спроведува со различни целни групи население со цел заштита и справување со одредени социјални ризици.
Подготвеност и дејствување при катастрофи
Цел на програмата е учество во обезбедување на ефикасна поддршка за надминување на последиците од природни катастрофи и катастрофи предизвикани од човекот. Делувањето во вакви состојби е насочено кон обезбедување на сместување на ранливото население, спасување на човечки животи, намалувања на страдањата на луѓето, како и заштита и поддршка на населението кое е погодено од катастрофата.
Активностите се насочени и кон подигање на јавната свест за заштита и самозаштита на пошироката популација со посебен акцент на младата пополуција, како и оспособување на волонтери кои во зависност од специфичните состојби можат да спречат понатамошни штети и загуби, како на човечките животи, така и на материјалните добра.
Младински активности
Младите на Црвен крст на РМ се едни од носителите на поголемиот број на активности на терен на Националното друштво, како и едни од иницијаторите и двигателите на идеите за подобрување на ефикасноста на Црвен крст на Република Македонија. Со својата креативност, динамичност и специфичен пристап тие претставуваат значаен дел од сите програми на Националното друштво. Организирани преку 35 клубови на локално ниво и Совет на млади национално ниво, дејствуваат како агенти за промени на однесувањето и промоција на култура на дијалог, ненасилство и мир. Во престрет на општествено-економските предизвици во секојдневието, голем акцент е ставен на социјално вклучување на сите групи ранливо население, градење на култура на превенција и активен пристап кон животот.

< врати се назад