ноември 23, 2023
Одбележување на „Недела на грижа на старите лица“
Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Куманово согласно Календарот на традиционалните активности на Црвениот крст, од 20 до 26 ноември 2023 година ја одбележа Неделата на грижа на старите лица, под мото „Сите сме нивни деца“.
Во рамки на Неделата, Општинската организација Куманово организираше различни активности за постарите граѓани со цел да се подигне јавната свест на населението за правата на овие лица, како и потребата за нивна грижа и помош. Најпрвин, одбележувањето започна со поставување на информативeн пункт каде се промовираше проектот „Грижа на стари лица во домашни услови“ кој се спроведува од страна на Општинската организација на Црвен крст Куманово, а под покровителство на Општина Куманово.
Исто така, Општинска организација на Црвен крст Куманово во рамки на Неделата организираше и посета во Здружение на пензионери Куманово, каде при посетата волонтерите со претставниците од стручната служба и ангажиран доктор извршија мерење на шеќер во крвта и крвниот притисок на вкупно 40 лица. Воедно, во Здружение на пензионери се одржа и информативна работилница за запознавање на присутните со правата од социјална и здравствена заштита, а со цел подобрување на нивниот квалитет на живеење и здраво стареење.
Самото одбележување на Неделата на грижа на стари лица, заврши со спроведување на активност во Домот за стари лица „Зафир Сајто„ каде волонтерите од Клубот на млади во соработка со Здружението на пензионери пред старите лица презентираа неколку музички и драмски точки со цел забава и измамување на насмевка на нивните лица.