Проекти ЗПД
Црвениот крст на Република Македонија, како една од најголемите граѓански организации – промотори на здравјето и хуманоста, спроведува проектни активности за зачувување и подобрување на здравјето на луѓето. Континуирано работиме на неколку проекти кои третираа различни здравствени проблематики актуелни за нашата територијата, како и проекти кои се дел од светските здравствени стратегии со цел глобално подобрување на здравствениот статус на населението.
Од година во година, полето на нашето дејствување се шири и зголемува согласно потребите на населението. Покрај редовните традиционални календарки активности, Црвениот крст на Р. Македонија преку спроведување на проектни активности директно влијае врз општото здравје на заедницата како и ранливата категорија на граѓани. Во периодот од оваа година на различни територии на Р. Македонија се реализираат следниве проектни активности:
– Клуб 25
Во рамките на проектот Клуб 25 – Млади мотиватори во крводарителството, со поддршка од Меѓународната Федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, продолжува втората фаза од проектните активности.
За време на имплементација на проектот, во оваа фаза ќе се работи на регрутирање нови членови – млади мотиватори и крводарители до 25 години, ќе биде спроведена кампања за Светскиот ден на крводарувањето како и едукативни сесии за членовите на Клуб 25 во однос на правилниот начин на живот заедно со реализација на обука за пеер едукатори на тема ХИВ/СИДА. Младите мотиватори исто така ќе добијат и едукација на теми од областа на презентација и презентерски способности, комуникациски вештини, врсничка едукација, лидерство, комуникациски вештини пренесување на искуствата од други земји на полето крводарителство.
Во текот на проектните активности, особено во делот на едукација на младите мотиватори, ќе бидат ангажирани стручни лица – лекари од Институтот за трансфузиона медицина додека пак самиот проект ќе биде медиумски поддржан и промовиран од страна на електронските медиуми т.е. преку националните и локалните ТВ станици.
– Промоција на хигиена – Хигиена за подобро здравје
Како една од новините во работењето на ЦКРМ, во период од јуни 2011 до март 2012 на територијата на град Скопје, за прв пат ќе биде имплементиран проектот Промоција на хигиена – Хигиена за подобро здравје, поддржан од Шпанскиот Црвен крст.
Проектот е со времетраење од 10 месеци а за тоа време ќе бидат спроведени активности насочени кон значењето на хигиената, водата и санитацијата. Целта на проектот е подигање на свеста кај младата популација за важноста на хигиената особено кај учениците во однос на нивното здравје. Исто така за време на проектот ќе бидат објаснети сите мерки за правилно одржување на личната, домашната како и хигиената на храна заедно со последиците од неправилното однесување во однос на здравјето на заедницата. Проектот ги опфаќа руралните средини на територија на град Скопје и тоа ученици од основните и средни училишта како и Едукативниот центар на децата Роми бегалци од Заедницата на бегалците и барателите на азил, во општина Шуто Оризари.
Во текот на имплементација на проектот, освен учениците, ќе бидат анимирани и професорите одговорни за училишните клубови на Црвениот крст а исто така ќе бидат изработени брошура и флаери за промоција на хигиената. После секоја одржана едукација децата ќе добијат хигиенски пакетчиња со цел одржување на личната хигиена за време на училишниот ден.
– Клубови за промоција на оптимално доење на доенчиња и правилна дохрана на мали деца
Веќе втора година на територијата на општина Охрид и Дебарца се спроведуваат проектни активности насочени кон помош и поддршка на младите мајките во однос на правилно доење на своите новороденчиња и здравата исхрана кај малите деца. Во рамките на проектот отворени се клубови во кои се одвиваат едукации ”мајка на мајка”, се разменуваат искуства и се добиваат практични совети од стручни лица – педијатри, за правилниот раст и развој на новороденчињата. За време на проектот се испечатија 1000 примероци на македонски и 300 примероци на албански јазик од брошурите за “Оптимално доење” и “Дохрана на мали деца”, заедно со 400 примероци од двата вида едукативни постери. Целната група на проектот се 500 мајки од Охрид и руралните – селски средини од општината. Проектот предизвика огромна заинтересираност кај мајките а истиот беше редовно следен од локалните медиуми. постер
– Подај ми рака
Проектот “Подај ми рака” кој финанскиски беше поддржан од Германскиот Црвен крст, се имплементираше во ООЦК Ресен. Главната цел на проектот беше едукација на 150 средношколци за прва помош и врсничка едукација. За време на проектните активност беше одржана и дисеминација за значењето на Црвениот крст. Проектот траеше 9 месеци и беше медиумски покриен од страна на локалните медиуми.
– Намалување на штети од користење на дроги
Проектот за намалување на штети од употреба на дроги се реализира во три ООЦК Прилеп, Велес и Кичево. Оваа програма е насочена кон намалување на штетните последици од користењето на дроги, пред сè кон намалување на ризикот од ХИВ/СИДА, хепатитис Б и Ц, други крвно и сексуално преносливи инфекции, предозирање, здравствени последици и социјални штети. Во 2010 година. Во трите центри беа дистрибуирани 19280 игли, 10665 шприцови и 7300 кондоми. Извршени се 3489 основни медицински услуги, советувања и едукација за ХИВ/СИДА, хепатит и други крвно и сексуално преносливи инфекции, советување за бесплатно тестирање за ХИВ/СИДА, едукација за безбедно инјектирање и безбедни сексуални односи на клиентите и нивните партнери, совети за штетните ефекти од користењето на дроги и информирање за видовите на третман. Извршени се 1748 социјални услуги, информирање и советување од социјални работници, 179 услуги и советувања од правни лица. Реализирани се 3 семинари и неколку работилници за обука на претставници од здравствените и социјалните центри, полицијата, претставници од локалната самоуправа и други институции, претставници на медиумите со цел запознавање и активности за обезбедување на нивна поддршка во борбата против стигмата и дискриминацијата кон оваа целна група. Со поддршка на Германски Црвен крст започна и реализацијата на креативните работилници со основна цел ресоцијализација на стабилизираните клиенти и воспоставување на работни навики со цел полесно адаптирање во средината во којашто живеат. Во оваа насока беа реализирани 31 работилница во центарот во Прилеп и 39 работилници во центарот во Велес. Изработените предмети и накит беа продавани на специјално организирани по овој повод продажни изложби, а средствата обезбедени преку нивната продажба беа наменети за деца без родители или социјално загрозени семејства.
– Подобрување на контролата со туберкулоза во Р.Македонија
Изработка на стратешки и оперативни планови на локалната самоуправа
Главната цел на овој проект е изработка на локални акциони планови за подобрување на контролата на туберкулоза на локално ниво. Црвениот крст имаше улога на фасцилитатор во креирањето на овие оперативни стратешки планови. Во текот на реализацијата на овој проект користена е методологијата на проектот ЗРЗ (заеднички развој на заедниците). На ниво на секоја ООЦК има локален координатор, формиран е локален тим составен од членови на локалната самоуправа, општи лекари, претставници на антитуберкулозните диспанзери, центри за социјална работа, образовни институции, претставници на ООЦК итн.
– Редуцирање на здравствените последици на населението од високите температури
Црвениот крст на Р. Македонија веќе неколку години наназад превзема активности за редуцирање на последиците предизвикани од климатските промени со посебен акцент на заштита на здравјето на населението од високите температури. Во соработка со СЗО и Министерството за Здравство, беа реализирани низа активности кои имаа за цел подигање на свеста кај населението за можните ризици врз нивното здравје кои можат да се појават како резултат на високите температури. Црвениот крст на Р.Македонија, заедно со СЗО, Министерството за Здравство, Управата за Хидрометеоролошки работи, Институтот за јавно здравје, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Институтот за медицина на труд и др., беше дел од навремениот систем за рано предупредување за појава на топлотен бран т.н. АЛЕРТ систем и соодветно на тоа имаше можност за навремена подготовка и преземање на активности согласно здравствениот акционен план и своите можности. Беа подготвени и дистрибуирани едукативни флаери до соодветните институции, организации и целни групи, бесплатно се делеа шишиња со вода, се мереше крвен притисок и се вршеше транспорт до домовите на лицата на коишто им беше потребно. Во Црвениот крст на Град Скопје функционираше бесплатна СОС телефонска линија за топлотни бранови на која граѓаните можеа да добијат информации како да го заштитат своето здравје во услови на појава на топлотен бран, со учество на 40 волонтери, кои дежураа во текот на летните месеци на Инфо линијата.
– Клуб 25 – Клуб на млади крводарители – мотиватори во крводарителството
Дарувањето крв е една од најнесебичните гестови на човекот. Проектот Клуб 25 има за задача да ја подигне свеста околу значењето на крвта и крвните елементи а преку тоа да го зголеми бројот на млади лица кои активно ќе се вклучат во мотивирање на нови лица – крводарители. Клубот е формиран во два града на територијата на Р. Македонија – Скопје и Битола и досега брои 150 членови на возраст до 25 години кои воедно преставуваат мотиватори во крводарителството меѓу своите врсници и редовни крводарители.
– Пандемиски грип
Црвениот крст на РМ во 2009 година зема активно учество во подготвеноста и ефикасниот договор кон појавата на пандемиски грип- инфлуенца тип А(Х1Н1). Активностите, финансиски поддржани од Меѓународната Федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина беа насочени кон обука на 32 лекари и 28 младинци, волонтери на општинските организации на Црвениот крст на РМ, активна кампања со видео и радио спот во електронските медиуми, печатење на постери и летоци кои содржат едукативни и превентивни пораки за чекорите кои треба да ги превземе секоја индивидуа за да се заштити од инфлуенца, а 70 припадници на ранливи категории (бездомници, баратели на азил, странци), 500 ученици од основните и средните училишта и 200 граѓани на РМ беа опфатени со едукативните сесии. Едукацијата треба да допринесе за промоција на промена во однесувањето на популацијата на РМ во насока на подобра превенција и редуцирање на краткорочните и долгорочните последици од пандемиска инфлуенца. Во соработка со Министерството за внатрешни работи, 800 припадници на полицијата беа едуцирани за мерките за превенција и заштита од пандемиски грип.