јуни 27, 2025

ЕКО-АКЦИЈА на Спомен костурница

На ден 26.06.2025 година (четврток) волонтерите на Општинската организација на Црвен крст Куманово спроведоа еколошка акција на Спомен костурница во Куманово. Акцијата беше организирана со цел подигање на свеста за заштита на животната средина и поттикнување на активен придонес кон почиста и поздрава заедница. Во текот на активноста, волонтерите собраа вкупно 10 вреќи со отпад, чистејќи ја пошироката околина на Споменикот во која се движат сите генерации.

Посебна вредност на оваа акција добивме со вклучување на двајца граѓани кои се најдоа на самото место во текот на акцијата, инспирирани од ангажманот на младите волонтери и тие се приклучија на чистењето. Притоа упатија пофални зборови за нивната посветеност и иницијативност, изразувајќи желба и самите да дадат придонес. Оваа еколошка акција претставува уште еден пример за општествено одговорно делување на младите волонтери на Црвен крст Куманово и позитивен пример за граѓанска солидарност и сплотеност во заштита на животната средина.

< врати се назад